TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Линковите се јавна сопственост

Почитувани корисници на Time.mk,

Од неодамна (06.02.2012) неколку медиуми, повикувајќи се на законот за авторско право, побараа нивните парцијални содржини да бидат отстранети од Time.mk со образложение дека истите ги користиме нелегално. Доколку сакаме да продолжиме со досегашното работење би требало да плаќаме за нивните парцијалните содржини кои се прикажуваат на нашата страница. Сумите кои ги бараат се од редот на неколку илјади евра / месечно / медиум.

Иако законот за авторско право не е експлицитен во однос на оваа проблематика, решивме да го почитуваме нивното барањето, така да одсега нема да се прикажуваат кратки делови од нивната содржина (до 180 букви) и мала слика (80 пиксели), туку ќе се прикажуваат само јавно достапните линкови кон нивните страници. Линкови кои можат да се најдат на сите социјални мрежи, блогови, комерцијални сајтови и други локации на интернет.

THE BIG PICTURE

Нивната појдовна точка е обвинението дека агрегаторите на вести прават пари од нивната содржина. Тие, неколку медиуми, тврдат дека имаат исклучиво право да ги контролираат линковите кон нивните содржини, и го имаат ексклузивното право за дистрибуција на линковите кон нивните содржини, се под капата на нарушување на авторските права. Или, бараат пари за таа привилегија (на референцирање) да ја користат и други субјекти, како што се агрегаторите за вести.

Никој не вели дека медиумите не треба да ги поседуваат нивните содржини, или дека не треба да постават pay-walls и да наплаќаат за пристап до нивната интелектуална сопственост. Сепак нивното тврдење оди дотаму дека тие можат да наметнуваат давачки, а со тоа и да наметнат контрола, дури и за патоказот кон нивните материјали. Доколку овој принцип се воспостави за дистрибуција и употреба на линковите (патоказите) ќе бараат нивна дозвола.

А што ќе значи тоа:

  • Вашето право и способност да најдете, пристапувате и споделувате содржина ќе биде сериозно нарушено !!!
  • Медиумите со значително влијание ќе склучуваат специјални договори само со одредени агрегатори, кои ќе ја наведуваат публиката кон нивните содржини, нивните размислувања, нивните ставови, нивните политички и комерцијални партнери.
  • Медиумите со значителна моќ селективно ќе ги присилуваат сите неистомисленички фирми, поединци и организации да плаќаат за "лиценци" доколку сакаат да постават линкови кон нивните содржини.
Поставувањето на линкови е фундаментален темел врз кој почива интернетот.
Правото на референцирање е фундаментално право на говор и основа за било каква дискусија. Право на секој поединец или фирма е да креира, користи и дистрибуира линкови до било каква легална содржина на интернет.
Тоа се патоказите до содржината која го креира општественото мислење и секој има право да има удел во тоа креирање.
Наше (како граѓани) фундаментално право е слободно да ги бираме и користиме патоказите по кои ќе се движиме.

16.02.2012

Игор Трајковски
универзитетски професор
и основач на Time.mk


Останати текстови: