TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Ексклузивитет на научна област (академски ходници)
Во последиов месец (април) се привршуваше со подготовка на елаборатите за интегрирани докторски студии на УКИМ. Помеѓу другото на големо се промовираат следните "новитети" во студирањето:
  • Воведување коменторство (можност за институционална соработка),
  • Курсеви за стекнување на генерички знаења (методологија на истражување, пребарување на бази на податоци, пишување на научни трудови и сл.), и
  • Организирање работилници, семинари и симпозиуми за следење на напредокот на докторантот (за теми од поширока област), итн.
Дури испливаа и некои цени за студирањето од 5000 EUR, но никој не превзема ништо за многу пофундаменталните проблеми. Овде би сакал да издвојам еден кој го имав слушано уште пред да дојдам на ФЕИТ, но не ми се веруваше дека во некоја форма и мене ќе ме снајде. Се работи за ексклузивитет на научните области кои ги "држат" професорите по принципот First-Come, First-Served, што е можеби еден од најуназадувачките појави во високото образование.

Секој од професорите на ФЕИТ доби задача да состави содржина за два предмети од областа во која истражува последните години, кои би се понудиле како изборни предмети за докторските студии. Јас, како и останатите колеги, приложив два предмети во чија област работам последниве десетина години: Алгоритми за Глобална Оптимизација (Algorithms for Global Optimization) и Препознавање на Облици (Pattern Recognition). Се течеше во ред, жива радост, конечно ќе можам да работам со поискусни студенти со кои навистина ќе можеш да завршиш некој поголем и посериозен проект. Склопив содржина, литература (textbooks по кои работат и врвните универзитет во САД), видео материјали со предавања од Stanford, Carnegie Mellon и MIT, предлог проекти, најнови научни трудови од областа и се што треба за да биде еден предмет на тоа ниво, и го пратив. Немаше никаков конфликт ниту преклопување со ниту еден друг предложен предмет.

На еден (1) ден пред состанкот на наставно научниот совет (ННС) каде што требаше да се одобри елаборатот, се појави професор кој што пред сите вработени (на mailing листа за сите вработени на ФЕИТ), ме избрука како најголем плагијатор, неумесен професор кој на невкусен начин предложува предмет кој што тој на додипломски студии го предавал со истото име. А инаку, самиот се истакна дека не се работело за ексклузивитет на областа, туку да не сум се повторувал на докторските студии, демек тој што кажал на додипломските тоа е ... нема ништо повеќе од тоа. Плус, ме поздрави за мојата работа од таа област и демек немал ништо против (ко да некој го праша дали смеам да истражувам во некоја област, што одма имлпицира што уствари сака да каже).

Реплицирав на тој емаил со примери од светски универзитети (не било кои, туку топ 3 од компјутерски науки) дека нема ништо спорно и необично да еден предмет се појавува со исто име на додипломски, постдипломски и докторски студии со исто име (дури па и со иста базична литература), дека суштината е во длабочината, деталите и новите резултати од областа што би се презентирале на курсот, во комплексноста и типот на проекти кои студентот треба да ги заврши за да достигне и прикаже задоволително ниво за степенот на студии. Дури и се согласив да го промениме името со додавање на придавка која што ќе го имплицира нивото на предавањата - Напредни методи во препознавање на облици. Ете, да се спуштам и на тоа ниво, им наведов и дваесет (20) други предмети што се предаваат на ФЕИТ кои имаат потполно исто име на сите три степени на студии, горе-доле иста литература, и досега немало никаков проблем. Е зошто ?

Затоа што тие дваесет предмети ги предаваат исти професори на сите три степени на студии. И тогаш правилото за неумесност, плагијат и неколегијалност не важи. Сите се среќни. Зошто ? Зашто на сите (или пак мнозинството, а останатите молчат пред тој "криминал") им одговара. Си фатиле области од пред 30 години и никој не смее да припари било што во таа област. Негова си е. Демек ти истражувај си, прај што сакаш, само немој да пројавиш желба да го предадеш тоа на студенти. Мои си се студентите. Не смее да има ни слични предмети па студентите да одберат кого да го слушаат. Па добро почитуван "професоре", како сериозно да истражувам и најдам соработници и нови студенти со кои би работел, ако не предавам предмет од таа област и се запознаам и одберам некој од нив ? И зошто толкава изразеност на "територијалност" и страв ? Дали е тоа израз на преголемата демократија и академски принципи кои владеат во "вашите кругови" ? Ако на универзитет или друга академска средина не се практикува демократија и натпревар на идеи ... дали има било какви шанси да го очекуваме тоа во други пори на општеството ?

Пострашно е што не беше само еден професор ... уште два (постари) професори скокнаа како демек новиве доценти им влегуваат во "нивните" области ... каква е таа некултура ... што ќе правиме после ако студентите ги избираат нивните предмети ? (btw никој не им ги превзема нивните предмети, тие ќе си ги предаваат до пензија, туку предложува нови од таа област) И молк, никој од "помладите" да гукне. Традицијата од 50 години продолжи да живее, основниот столб, ексклузивност на научна област - преживеа. А зошто молчат ? Затоа што асистентите и доцентите се зависни од своите постари професори, кои ќе им бидат во комисија за реизбор (доцент -> вонреден профоесор -> редовен професор). И мене истото ме чека ... ќе видиме дали ќе ме оценат според сработеното или според колку сум бил подчинет. Се додека не се направат длабоки промени во системот за прием/реизбор и евалуација на професорите, вештачката селекција на послаби и послаби кандидати ќе се засилува и универзитетот се повеќе ќе тоне.

Се прашувам што ќе се случи ако ете дојдеше "успешен познат" професор (дали наш македонец или странец) од некој ТОП 10 универзитет во светот, на ФЕИТ (или некој друг факултет, не ми се верува дека е поразлично на останатите). Дали и него ќе го снајде истото ? И двете сценарија се поразителни. Ако не му дозволат да предава предмет од област кој ја предава некој локален професор што го предава истото 30 години, лузери ќе испаднеме - ќе си отиде човекот, ако пак му дозволат, зошто тогаш (again) да се прави таква дискриминација по националност. Јас имам магистрирано и докторирано надвор од Македонија на универзитети кои се далеку над УКИМ според сите светски рејтинзи. Познавам уште десетина кои го имаат направено истото или пак се уште поуспешни и имаат желба да се вратат во Македонија, но каде да се вратат ? Дали нашиот универзитет е способен да направи објективен конкурс за прием на професори каде ќе се оцени кандидатот според квалитетот, а не според тоа колку години кандидатот трчкал и премолчувал и неговата способност за понатамошна подчинетост и лојалност ? Дали владата планира да го промени законот со кој кога професор ќе отиде во пензија или пак замине од факултетот, по автоматизам факултетот да има право да прими нов човек наместо да чека, многу често со години, две министерства и ректоратот да му одобрат да отвори нов конкурс ? А во меѓувреме предметите на тој професор да ги покриваат другите професори и асистенти кои во меѓувреме поради малиот милион студенти примени без приемен испит, и нагрбените предмети од професорите кои си заминале имаат по 15 часа неделно и нула време за истражување и работење на теза (магистерска/докторска), општи истражувачки проекти или лично надградување. Како очекувате тие професори/асистенти да кажат нешто современо што е во тек со тоа што се работи на подобрите универзитети во светот ? Или пак, доволно е нон стоп да го верглаат тоа што го работеле/учеле пред 10 години ? Или пак воопшто не ве интресира за тоа ? Тоа се дел од реформите кои универзитетот ќе го направат поквалитетен, а со тоа и студентите кои завршуваат, а не со примање на секој и секаде да биде студент само за да не се брои како невработен.

И како заврши приказната со предметот со проблематично име ? Дадов уште десетина предлози, како да се промени името и содржината, ништо не се прифати, се постави ултиматум во името да ги нема зборовите ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ОБЛИЦИ. Исто како Грција во 1990-тите. Не се прифати ни тоа да го држиме заедно, ниту преку една година ... ништо. На крај до толку се заглави работата да или морав да го сменам името на предметот или ФЕИТ немаше да го фати крајниот рок за достава на елаборатот за да почне со студиите од есен. Со тоа и дефинитивно се докажа намерата и конзистентноста за ексклузивитет на научните области. На крај го сменија името во "Selected topics in Machine Learning", кое за среќа е уште пошироко и го покрива претходнто и уште повеќе (среќа моја за незналиците) а и професорот кој го држи скоро-истоимениот предмет на додипломски не беше на состанокот на ННС. Така и пројде, на среќа.

Др. Игор Трајковски
5 Мај 2010


Останати текстови: