TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Некрофилија и биофилија

Erich Fromm - "The Heart of Man", 1964
Превод: Слободанка Марковска


Повеќето луѓе мислат дека сите луѓе го сакаат животот. За жал, тоа не е така. Постои еден дел од луѓето кој всушност повеќе ги привлекува распаѓањето, се што е механичко, се што не е живо - отколку се она што е живо. За да ги разликувам овие две групи, јас ги употребувам термините некрофилија и биофилија, т.е. љубов кон смртта и љубов кон животот.


Пример за некрофилски тип може да се види, на пример, во мајка која живнува штом почне да раскажува за болеста на своето дете. Ако нејзиното дете уживало во нешто и доаѓа дома полно со живот, мајката тоа одвај ќе го забележи, но, ако детето е болно, таа навистина ќе се заинтересира. Вие можеби ќе го оправдате ваквото однесување, сметајќи дека постои причина поради која мајката е заинтересирана за здравјето на нејзиното дете. Исто така можете да сретнете многумина кои повеќе се заинтересирани за погреби, за умирачки, за болести, чија омилена тема на разговор е историјата на нивните болести и можете да забележите дека постарите луѓе многу полесно имаат оправдание за тоа отколку помладите. Како старееме, сите ние почнуваме да студираме медицина; прво имаме една болест, потоа друга и наскоро стануваме специјалисти во различни подрачја - белки не во премногу. Кога некрофилската личност ќе сфати дека и останало да живее уште десет до петнаесет години, и дека и се ближи смртта, таа сфаќа дека повеќе не мора да ги потиснува своите некрофилски тенденции. Таа сега отворено може да се занимава со болеста и со смртта, и станува не само здодевна, туку и опасна за сите што живеат околу неа, затоа што триумфирајќи, шири мрачна атмосфера. За неа, се разбира, тоа не е мрачна атмосфера; за неа тоа е највозбудливото нешто на светот - да мисли на болест и смрт - но за луѓето што го сакаат животот, тоа е страшно.


Ако не знаете дека имате работа со нешто што, во најширока смисла, може да се нарече болест, тогаш оваа мрачна атмосфера може лесно да ве обземе - особено ако чувствувате сожалување за оваа личност која постојано зборува за болест. Мислам дека оние што се грижат за старите треба да бидат свесни за тоа дека ваквата преокупираност со болеста, смртта и погребите воопшто не е природна последица на староста. Во поголемиот број случаи таа е отворен израз или манифестација на една тенденција која овие луѓе ја имале во текот на целиот свој живот; имено, да се возбудуваат од она што не би требало да ги возбудува - распаѓањето.


Еден друг психолошки став кој е релевантен за стареењето е во врска со разликата помеѓу независноста и зависноста. Секој од нас е независен. Сите ние сме вработени и повеќе не добиваме пари од родителите. Но, ние исто така сме и зависни: зависиме од работодавците, од јавното мислење или, во случајот на лекарите, од тоа дали пациентите се задоволни. Па сепак, се чувствуваме независни доколку, на овој или оној начин, спечалиме свои пари. За жал, меѓутоа, независноста или слободата не се стекнува толку лесно како што се чини. Еден од основните проблеми на индивидуалниот развиток е проблемот кој со психолошки јазик би можел да се нарече проблем на индивидуацијата: како некоја личност успева од фетус во утробата да се развие во независна личност?


Тоа е, се разбира, долготраен процес. Се додека се наоѓаме во утробата на мајката во чисто психолошка смисла ние не сме независни. Штом ќе се родиме ние стануваме физиолошки независни, но психолошки, се уште не сме независни. Всушност, нашиот живот во првите неколку недели од раѓањето можеби е на извесен начин посличен со животот на фетусот, отколку со животот на возрасните. Ние сме сосема зависни од мајката. Ние не ја доживуваме неа како друга личност. Јас би рекол дека ние сме симбиотички поврзани со мајката. Се уште не постои разлика помеѓу јас и не јас. За бебето, целиот свет е јас., и секоја мајка живее во илузија ако очекува љубов од своето дете кое е старо четири недели. Дури и кога очекува повеќе од своето едногодишно дете, таа е повторно во заблуда и си создава тешкотии.


Процесот на изградување на јас, на една одвоена личност која е поврзана со светот, која е заинтересирана за него, но која е независна, и која своето постоење го должи на самата себе, ја сочинува основата на човечкиот развиток. Нездравите луѓе никогаш не го надминуваат првиот симбиотички стадиум. Ваквиот тип на душевно растроена личност го претставуваат оние луѓе кои и емотивно и стварно се уште сакаат да живеат во мајчината утроба и симбиотички да бидат поврзани со неа или со личноста која неа ја заменува. Има луѓе кои се наоѓаат во стадиум кога единствено сакаат да цицаат од мајчините гради; и други кои отишле понапред и сакаат да седат во мајчиниот скут; и такви кои се уште понапредни и сакаат единствено да се држат за мајчината или татковата рака. Само кога личноста ќе ја постигне својата зрелост, таа ќе стане вистински самостојна, т.е. ќе може да застане на своите сопствени нозе, затоа што ќе биде во вистински однос со светот, поврзана со светот, но не како дел на некоја друга личност, туку со нејзиниот сопствен интерес и љубов кон надворешниот свет. Таа ќе може да биде вистински независна затоа што ќе биде поврзана; но повеќето луѓе никогаш не стигнуваат до овој стадиум.


Постојат многу луѓе кои на општествен и економски план добро просперираат, иако не се независни. Отсуството на независност не се гледа однадвор, бидејќи тие имаат позиција која изгледа многу независна. Таков е случајот со многумина бизнисмени или професионалци кои зависат од сопругите, од своите секретари, од јавното мислење, но кои свесно чувствуваат дека се независни.


Сакам да ја нагласам релевантноста на карактерните црти кај старите, бидејќи многу често се мисли, како и во случајот на некрофилија-биофилија, дека кога постарите луѓе покажуваат поголеми знаци на зависност, тоа едноставно се должи на стареењето, а всушност по карактер тие секогаш биле зависни, само што сега можат да го изразат тоа бидејќи се стари луѓе, па се очекува тие да бидат зависни. Тука се гледа целата психологија на оној тип стари луѓе кои се чувствуваат како инвалиди или пак имаат потреба да бидат заштитени од некого. Како што може да се види во нашата култура, староста им пружа извонредна можност и оправдување да ја искажат зависноста што ја имале уште на триесет или четириесет години, само што тогаш таа била прикриена и несвесна; но сега, тие имаат можност да ја манифестираат целата своја зависност.