Пожари беснеат низ Франција, Шпанија, Италија, Грција и Албанија, додека Македонија останува во 30-дневна кризна состојба. Анализа на состојбата низ Европа и ризиците што ги носат топлотниот бран, сушата и силниот ветер.
Екстремните шумски пожари што беснеат низ делови од Европа создаваат огнени вртлози, опасен феномен што може нагло да ја засили стихијата, да го промени нејзиниот правец и да префрли запалени остатоци далеку пред главниот огнен фронт.
Бројот на денови со висок ризик од шумски пожари во Јужна Европа е двојно зголемен од 1981 година, според истражување објавено во списанието „Сајентифик репортс“, во кое се предупредува дека регионот влегува во период на „екстремен ризик од пожари“.
Рекордните горештини и суши ја погодија Европа. Пожарите, нискиот водостој на реките и уништените посеви го намалуваат производството на шеќер, житарки и маслиново масло, а се стравува од нов раст на цените на храната.
Франција ја минува најтешката сезона на пожари во последните неколку децении. Од почетокот на летото се регистрирани 14.540 пожари, изгореле околу 120.000 хектари земјиште, а стотици лица се приведени поради сомнение дека намерно или од невнимание предизвикале огнена стихија.