TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

За непослушноста

Erich Fromm - "On Disobedience and other essays", 1984
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска


Зошто човекот е склон да биде послушен и зошто му е тешко да биде непослушен ?

Се додека е послушен кон моќта на државата, црквата или јавното мислење, тој се чувствува сигурен и заштитен. Всушност не е ни важно на која моќ и се покорува. Таа е секогаш некоја институција или луѓе кои применуваат сила на овој или на оној начин и коишто прокламираат сезнаење и семоќ кои всушност се лажни. Послушноста го прави дел од моќта што ја обожава и затоа се чувствува силен. Не може да згреши, бидејќи таа одлучува за него; не може да биде осамен, бидејќи таа бдее над него; не може да направи грев, бидејќи таа не му дозволува, а и да стори грев, казната е само начин за враќање кон семоќната моќ.


За да биде непослушен, човекот мора да има храброст да биде сам, да греши и да прави гревови. Но храброста не е доволна. Способноста за храброст зависи од тоа колку е развиена личноста. Доколку личноста успеала да се оттргне од мајчините пазуви и татковските наредби и да израсне во целосно развиена единка која може да мисли и чувствува за себе, тогаш ќе има храброст да и каже "не" на моќта и да биде непослушна.


Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Доколку се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам "не" и неможам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината.


Постои уште една причина зошто е тешко да се биде непослушен и да се каже "не" на моќта. Во најголем дел од човечката историја послушноста се поистоветувала со доблест, а непослушноста со грев. Причината е едноставна: од дамнешни времиња, низ историјата малцинството владеело над мнозинството. Ваквото владеење било нужно поради фактот што средства за живот во доволно мера имало за малкумина, додека за мнозинството останувале само ронките. Ако малцинството сакало да ги ужива овие средства и згора на се мнозинството да го опслужува и да работи за него, тогаш бил неопходен следниот услов: мнозинството требало да се научи на послушност. Се разбира дека послушноста може да се постигне со сила. Но таквиот метод има многу недостатоци. Тој постојано носи опасност дека еден ден малцинството може да биде симнато од мнозинството со сила; натаму, постојат многу видови работа кои не може да се извршуваат како треба, доколку зад послушноста стои стравот. Затоа, послушноста која е вкоренета во стравот од силата мора да биде трансформирана во послушност која е вкоренета во човековото срце. Човекот треба да сака, дури и да чувствува потреба за послушност, наместо да чувствува страв од непослушноста. За да го постигне тоа, власта мора да ги преземе квалитетите на Сето добро и Сета мудрост; мора да стане Сезнаење. Во тој случај власта може да изјави дека непослушноста е грев, а послушноста доблест; откако ова еднаш е прокламирано, мнозинството ќе ја прифати послушноста затоа што таа е добра, а ќе ја мрази непослушноста затоа што е лоша, наместо да се презираат себе си што се кукавици.


Оваа борба против авторитетот беше неразделна од интелектуалното расположение карактеристично за филозофите и научниците. Ова "критичко нерасположение" се одликуваше со верба во разумот и сомневање во се што е збор или мисла доколку е засновано на традиција, суеверие, обичаи или моќ. Принципите sapere aude и de omnibus est dubitandum - "да се осмелиме на мудрост" и "во се мора да се сомневаме" - беа својствени за становништето кое ја поттикнуваше и унапредуваше способноста да се каже "НЕ".