TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Живот, Смрт и Верба

Erich Fromm - "Beyond the Chains of Illusions", 1962


Верувам дека човекот е производ на природна еволуција; дека е дел од природата и сепак ја трансцендира, бидејќи е обдарен со разум и самосвест. Верувам дека човековата суштина е сфатлива. Меѓутоа, ова суштина не е супстанца која го карактеризира човекот низ целата историја. Суштината на човекот се состои во погоре наведената противречност, која е инхерентна на неговото постоење и оваа противречност го принудува да реагира со цел да го најде решението. Човекот не може да остане неутрален и пасивен кон ова егзистенцијално прашање. Со самиот факт што тој е човек, тој е запрашан од животот: како да ја надмине поделбата меѓу него и светот надвор од него со цел да дојде до искуството на единство и истоветност со неговиот ближен човек и со природата. Човекот мора да го одговара ова прашање во секој момент од својот живот. Не само со мисли и зборови, туку преку неговиот начин на битисување и делување.


Верувам дека има одреден број ограничени и сфатливи одговори на ова прашање за постоењето (историјата на религијата и филозофијата се каталог на овие одговори); но, во основа има само две категории на одговори. Во првите, човекот се обидува повторно да ја најде хармонијата со природата со регресија во предчовековата форма на постоење, отстранувајќи ги неговите посебни квалитети за разум и љубов. Во вториот случај, негова цел е полн развиток на неговите човекови моќи сè додека не постигне нова хармонија со својот ближен човек и со природата.


Верувам дека првиот одговор е осуден на пропаст. Тој води во смрт, рушење, патење и никогаш до полн раст на човекот, никогаш до хармонија и сила. Вториот одговор бара отфрлање на алчноста и егоцентризмот, бара дисциплина, волја и почит кон оние кои можат да го покажат патот. Иако овој одговор е потежок, тој е единствениот кој не е осуден на пропаст. Всушност, дури и пред да се достигне конечната цел, активноста и напорот потрошени за приближувањето кон неа има обединувачки и интегрирачки ефект кој ги зајакнува човековите витални енергии.


Верувам дека човековата основна алтернатива е изборот помеѓу животот и смртта. Животот и смртта, за онакви какви зборуваме тука, не се биолошки состојби, туку состојби на битисување, на однос кон светот. Животот значи постојана промена, постојано раѓање. Смртта претставува престанок на раст, вкоскување, повторување. Секој чин го потврдува овој избор, помеѓу животот и смртта. Човекот е слободен да го направи, но оваа слобода е ограничена. Има многу поволни и неповолни услови кои го насочуваат – неговата психолошка конституција, состојбата за посебното општество во кое е роден, неговото семејство, учителите и пријателите кои ги среќава и избира. Човековата задача е да ги прошири границите на слободата, да ги зајакне условите кои водат во живот, наспроти оние кои водат во смрт. Несреќната судбина на многумина е дека тие не го прават изборот. Тие не се ни мртви ни живи. Животот им станува товар, бесцелен потфат, а зафатеноста е начин за заштита од маките на битисувањето во земјата на сенките.


Верувам дека ниту животот ни историјата немаат крајна смисла која, повратно, би му ја давала смислата на животот на поединецот или би ги оправдувала неговите страдања. Сметајќи на противречностите и слабостите кои го опкружуваат човековото постоење, сосема природно е тој да трага по „апсолутот“ кој му дава илузија на определеност и го ослободува од конфликтот, сомнежот и одговорноста. Но, нема бог, во теолошко, философско или историско руво, кој го спасува или осудува човекот. Само човекот може да си ја пронајде целта во животот и средствата за остварување на оваа цел. Тој не може да најде спасителен конечен и апсолутен одговор, но може да се стреми кон ниво на интензитет, длабочина и јасност во искуството што ќе му даде сила да живее без илузии и да биде слободен.


Верувам дека никој не може да го „спаси“ својот ближен со правењето на изборот во негово име. Сè што некој може да направи за другиот е да му ги покаже алтернативите вистинољубиво и со љубов, но без сентименталност и илузија. Соочувањето со вистинските алтернативи може да ги разбуди скриените енергии во личноста и да ја оспособи да го избере животот наспроти смртта. Ако таа не може да го избере животот, никој не може да го вдахне животот во неа.


Верувам дека образованието значи да се запознаат младите со најдоброто наследство на човечката раса. Но, покрај тоа што повеќето од ова наследство е изразено со зборови, тоа е ефективно само тогаш кога овие зборови станат реалност во личноста на учителот и во праксата и структурата на општеството. Единствено идејата која е материјализирана во месо може да му влијае на човекот; идејата која останува збор само ги менува зборовите.


Верувам дека е исклучок човекот роден како светец или криминалец. Повеќето од нас имаат склоност и за добро и за зло, иако соодветната тежина на овие склоности варира од поединец до поединец. Затоа, нашата судбина е најмногу определена од таквите влијанија кои се лијат во калапот и ги формираат дадените склоности. Семејството е најважно влијание. Но семејството самото по себе е главно посредник на општеството, преносен ремен за оние вредности и норми коишто општеството сака да ги втисне во своите членови. Затоа, најважен фактор за развојот на поединецот е структурата и вредностите на општеството во кое тој е роден.


Верувам дека општеството има и поттикнувачка и инхибиторна функција. Само во соработка со другите и во процесот на работа човекот ги развива своите моќи, само во историски процес тој се создава себеси. Но во исто време, повеќето општества до сега им служеа на малкумина кои сакаа да го користат мнозинството. Бидејќи тие мораа да ја користат својата сила за да го обессилат и заплашат мнозинството (а со тоа, индиректно, себе си), да ги спречат од развивање на сите свои моќи; од овие причини општеството секогаш се судирало со човештвото, со универзалните норми кои вредат за секој човек. Само тогаш кога општествените цели ќе станат идентични со целите на човештвото, општеството ќе престане да го сакати човекот и да го шири злото.


Верувам дека човекот може да си го претстави искуството на целовитиот универзален човек само преку остварување на својата индивидуалност и никогаш преку обидите за негово сведување на апстрактен, заеднички именител. Човековата задача во животот е навистина парадоксална; остварување на неговата индивидуалност и во исто време нејзино трансцендирање и достигнување на искуството на универзалност. Само потполно развиено индивидуално себе може да го отфрли егото.


Верувам дека Единствениот свет, кој се појавува, може да настане само ако се оствари Новиот човек – човек кој излегува од архаичните врски на крв и земја и кој себеси се чувствува за син на човекот, граѓанин на светот, чија лојалност е кон човечката раса и кон животот, повеќе отколку кон некој негов ексклузивен дел; човек кој ја сака својата земја затоа што тој го сака човештвото и чие просудување не е изопачено од племенски лојалности.


Верувам дека човековиот раст е процес на постојано раѓање и постојано будење. Ние обично сме полузаспани и само онолку будни за да си ја гледаме работата; но не сме онолку будни да си го гледаме животот, што е единствена задача важна за живото битие. Големи водачи на човечката раса се оние кои го разбудија човекот од неговиот полу-дремеж. Големи непријатели на човештвото се оние кои го втурнаа во сон и не е важно дали нивната успивна напивка е обожувањето на Бог или на Златното Теле.


Верувам дека единствена сила што може да нè спаси од самоуништување е разумот; способноста да се признае нереалноста на повеќето идеи што ги има човекот и да се пробие во реалноста затскриена од слоевите и слоеви на измама и идеологии; разумот, не како тело на знаење, туку како „вид на енергија, сила која е потполно сфатлива само во своето делување и ефекти“, сила чија „најважна функција се состои во нејзината моќ да сврзи и раздвои.“ Насилството и оружјето нема да нè спасат; здравото расудување и разумот можат.


Верувам дека една од најстрашните грешки во поединечниот и општествениот живот се состои во прифаќањето на стереотипните алтернативи на мислење. „Подобро мртов отколку црвен“, „отуѓена индустриска цивилизација или индивидуалистичко преиндустриско општество“, „вооружување или безпомошност“ се примери на такви алтернативи. Секогаш постојат други и нови можности кои стануваат јасни само ако некој се ослободи себеси од смртоносните канџи на клишеата и кога ќе му дозволи на гласот на хуманоста и на разумот да допре до него. Принципот на „помало зло“ е принцип на очај. Тоа, во поголем дел од времето, само го продолжува периодот додека поголемото зло не победи. Да се ризикува во правењето на она што е исправно и хумано и да се верува во моќта на хуманоста и вистината е пореалистично од таканаречениот реализам на опортунизмот.


Верувам во усовршливоста на човекот, но се сомневам дали тој ќе ја постигне оваа цел, освен ако не се разбуди наскоро.