TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

За капитализмот и социјализмот

Erich Fromm - "On Disobedience and other essays", 1984
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска


Нема сомнение дека обликот што го има капитализмот во 20-от век е многу поразличен од оној во 19-от - толку различен што под знак на прашање е дали за двата система треба да се употребува еден ист термин. Огромната концентрација на капитал во гигантските претпријатија, се поголемото одвојување на управувањето од сопственоста, државните субвенции во земјоделството и во некои гранки од индустријата, елементите на контрола на цените и на контролиран пазар, како и многу други карактеристики, од корен го разликуваат капитализмот од дваесеттиот век од оној во минатото. Сепак, без оглед каква терминологнја сме избрале, извесни основни елементи остануваат заеднички и за стариот и за новиот капитализам: принципот дека, не солидарноста и љубовта, туку индивидуалистичката, еготистичка акција дава најдобри резултати за секого; и вербата дека општествениот живот треба да го регулира еден безличен механизам, пазарот, а не волјата, визијата и плановите на луѓето. Капитализмот ги става стварите (капиталот) повисоко од животот (трудот). Моќта произлегува од сопственоста, а не од дејствувањето.


Современиот капитализам создава дополнителни пречки за развивањето на човекот. Нему му требаат хармонични работни тимови на работници, службеници, инжинери, потрошувачи; тие му требаат, бидејќи големите претпријатија, раководени од бирократијата, инсистираат на овој вид организација и на „човекот на организацијата“ кој се вклопува во неа. Нашиот систем мора да создава луѓе кои ќе одговараат на неговите потреби; мора да создаде луѓе кои ќе соработуваат лесно и во голем број; луѓе кои ќе сакаат да трошат што повеќе; луѓе чии вкусови се стандардизирани, лесно предвидливи и врз кои може да се влијае. Нему му требаат луѓе кои се чувствуваат слободни и независни и кои не се потчинети на некој авторитет или принцип на совеста, а сепак се спремни да ја извршат наредбата и да го сторат она што се очекува од нив, и лесно да се вклопат во општествената машина; нему му требаат луѓе кои можат да бидат водени без сила, водени без водачи, поттикнувани без цел - со исклучок на целта да успеат, да бидат во движење и постојано да одат напред. Производството е раководено од принципот дека инвестираниот капигал мора да донесе профит, а не од принципот според кој вистинските потреби определуваат што треба да се произведува. Бидејќи се, вклучувајќи го радиото, телевизијата, книгите и лековите е подредено на принципот на профитот, луѓето се изманипулирани за таков вид потрошувачка којашто често е отровна за духот, а понекогаш и за телото.


Неуспехот на нашето општество за да ги исполни човечките аспирации вкоренети во нашата духовна традиција непосредно се одрази врз двата најгорливи практични проблеми на нашето време: прашањето за мирот и смалувањето на разликите помеѓу богатството на Запад и сиромаштијата на две третини од човештвото.


Отуѓувањето и последиците што тоа ги носи му го отежнува на модерниот човек решавањето на овие проблеми. Фактот што тој обожува предмети и нема почит кон животот, ниту кон својот ниту кон животот на своите блиски, го прави него слеп не само за моралните принципи, туку и за рационалната мисла која е од интерес за неговиот опстанок. Очигледно е дека атомското вооружување веројатно ќе доведе до сеопшто уништување, а дури и кога атомската војна би се одбегнала, тоа ќе доведе до клима на страв, сомневање и строга дисциплина, а во таква клима слободата и демократијата не можат да опстанат. Јасно е дека економскиот јаз помеѓу богатите и сиромашните народи ќе доведе до експлозии на насилства и диктатури - па сепак, освен некои нерешителни а со тоа и јалови обиди, не е сторено ништо за да се решат овие проблеми. Изгледа дека ние ќе го докажеме тврдењето дека боговите ги заслепуваат оние што сакаат да ги уништат.


Тоа е дострелот на капитализмот. А кој е дострелот на социјализмот? Кон што се стремеше и што постигна социјализмот во оние земји каде што имаше шанса да се оствари?


Социјализмот во деветнаесеттиот век, во Марксовата и во сите други варијанти, сакаше да создаде материјална основа за достоинствен човечки живот за секого. Тој сакаше трудот да го управува капиталот, а не капиталот да го управува трудот. За социјализмот, трудот и капиталот не беа само две економски категории, туку тие претставуваа два принципа: капиталот, принцип на натрупување на ствари, принцип на имање; и трудот, принцип на животот и на човечките моќи, принцип на бидување и создавање. Социјалистите сметаа дека во капитализмот животот го управуваат предметите: дека имањето му е претпоставено на бидувањето; дека минатото ја управува сегашноста - и сакаа да го свртат овој однос. Целта на социјализмот беше еманципацијата на човекот и неговото повторно воспоставување како неотуѓена, неосакатена единка која стапува во еден нов, богат и спонтан однос со ближниот и со природата. Целта на социјализмот беше човекот да ги отфрли синџирите со кои е окован, фикците и нереалностите, и да се претвори во суштество кое ќе може креативно да ги употребува своите емоционални и мисловни сили. Социјализмот сакаше човекот да стане независен, т.е да застане на своите сопствени нозе; а веруваше дека човекот може да стои на своите сопствени нозе, само ако, како што велеше Маркс „тој го должи своето постоење на самиот себеси, ако тој ја потврдува својата индивидуалност како целосен човек во секој од неговите односи кон светот, гледањето, слушањето, мирисањето, вкусот, чувствата, мислењето, волјата, љубовта - накусо, ако ги потврдува и изразува сите органи на својата индивидуалност. Целта на социјализмот беше единството помеѓу човек и човек, и помеѓу човекот и природата.


Сосема спротивно од често споменуваното дека Маркс и останатите социјалисти мислеле дека желбата за максимална материјална добивка е основниот човечки нагон, тие всушност веруваа дека самата структура на капиталистичкото општество од материјалниот интерес прави најдлабок мотив, а дека социјализмот ќе овозможи да се афирмираат нематеријалните мотиви, и дека ќе го ослободи човекот од неговото служење на материјалните интереси. (Тажен пример на човечката недоследност е кога луѓето, кои го клеветат социјализмот за неговиот божемен „материјализам“ истовремено тврдат дека само „мотивот за профит“ може да го мотивира човекот да даде максимум од себе.)


Целта на социјализмот беше индивидуалноста, а не униформноста; ослободување од економските окови, а не, главна содржина на животот да бидат материјалните интереси; остварување на целосна солидарност на сите луѓе, а не манипулација и доминација на еден човек врз друг. Принципот на социјализмот беше дека секој човек е цел за себе, и дека никогаш не смее да стане средство на некој друг човек. Социјалистите сакаа да создадат општество во коешто секој граѓанин активно и одговорно ќе учествува во сите одлуки, општество во кое граѓанинот би учествувал затоа што е личност а не предмет, затоа што има свои убедувања, а не наметнати ставови.


За социјализмот не е зло само сиромаштијата, туку и богатството. Материјалната сиромаштија му ја одзема на човекот основата за човечки богат живот. Материјалното богатство, слично како и моќта го расипува човекот. Тоа ја уништува смислата за мерка и за инхерентните граници на човечката егзистенција; тоа раѓа едно нереално и речиси безумно чувство за „единственоста" на единката, наметнувајќи му го чувството дека за него не важат истите основни животни услови што важат за другите. Социјализмот сака материјалната благосостојба да се користи за вистинските цели на живеењето; тој го отфрла индивидуалното богатство не само како опасност за општеството, туку исто така и за единката. Всушност, неговата спротивставеност на капитализмот е заснована токму врз овој принцип. Според својата логика капитализмот се стреми кон постојано зголемување на материјалното богатство, а социјализмот кон постојано зголемување на човековата продуктивност, животност и среќа, и кон материјална благосостојба само до оној степен кој овозможува реализирање на неговите човечки цели.


Социјализмот копнееше за конечно укинување на државата, при што ќе бидат управувани само предметите, а не и луѓето. Тој се стремеше кон бескласно општество во кое слободата и иницијативата ќе и бидат повторно вратени на единката. Социјализмот од деветнаесеттиот век па се до почетокот на Првата светска војна, беше најзначајното хуманистичко и духовно движење во Европа и Америка.


Што се случи со социјализмот?


Тој му подлегна на духот на капитализмот што сакаше да го замени. Наместо да го разберат како движење за ослободување на човекот, многумина од неговите приврзаници слично како и неговите непријатели, социјализмот го разбраа единствено како економско подобрување на работничката класа. Хуманистичките цели на социјализмот беа заборавени или претворени во празни фрази, а главннот акцент исто како и во капитализмот беше ставен врз целите за економска добивка. Како што идеалите на демократијата ги загубија своите духовни корени, така и идејата на социјализмот го загуби својот најдлабок корен - пророчко месијанската верба во мирот, правдата и братството меѓу луѓето.


Така, социјализмот стана средство со кое работниците ја зацрврстуваа својата положба во рамките на капиталистичката структура, наместо да биде средство за нејзино надминување; наместо да го промени капитализмот, социјализмот беше апсорбиран од неговиот дух. Социјалистичкото движење доживеа целосен пораз кога во 1914 неговите водачи се откажаа од интернационалната солидарност, одлучувајќи се за економските и воените интереси на сопствените земји, а против идеите на интернационализмот и мирот што беа во нивната програма. Погрешната интерпретација на социјализмот според која тој е чисто економско движење, а национализацијата на средствата за производство негова главна цел, беше присутна како во десното, така и во левото крило на социјалистичкото движење. Водачите на реформизмот во социјалистичкото движење во Европа за своја примарна цел го поставија подигнувањето на економската положба на работниците во рамките на капиталистичкиот систем, а за најрадикална мерка ја сметаа национализацијата на некои гранки од крупната индустрија. Дури во последното време многумина сфатија дека национализацијата на едно претпријатие само по себе не значи остварување на социјализмот, и дека за работникот главно нема разлика дали ќе биде управуван од општествено или од приватно именувана бирократија.


И водачите на Комунистичката партија во Советскиот Сојуз го интерпретираа социјализмот на чисто економски начин. Но, живеејќи во земја која е многу понеразвиена од Западна Европа и без демократска традиција, тие применија терор и диктатура за да ја забрзаат акумулацијата на капиталот, што во Западна Европа се случи во деветнаесеттиот век. Тие создадоа еден нов облик на државен социјализам кој се покажа успешен на економски, но погубен на човечки план. Тие изградија бирократски управувано општество во коешто класните разлики - како во економска смисла, така и во однос на моќта да се командува со другите, се подлабоки отколку во кое и да е денешно капиталистичко општество. Тие го нарекуваат својот систем социјалистички затоа што ја национализирале целата економија, всушност нивниот систем е целосна негација на се она за што се залага социјализмот - афирмацијата на индивидуалноста и целосен развиток на човекот. За да се добијат поддршка од масите кои мораа натчовечки да се жртвуваат за брзата акумулација на капиталот, тие се служеа со спој на социјалистичка и националистичка идеологија, а тоа им донесе неволна соработка со потчинетите.


Во онаа смисла системот на слободната иницијатива е понапреден од комунистичкиот систем затоа што успеа да сочува една од најголемите придобивки на модерниот човек - политичката слобода, а со тоа и почитта кон достоинството и индивидуалноста на човекот, што не поврзува со основите на духовната традиција на хуманизмот. Тој допушта критика и овозможува давање предлози за конструктивна општествена промена, што практично е невозможно во советската полициска држава. Како и да е, треба да се очекува дека штом советските земји ќе го постигнат она ниво на економски развиток што Западна Европа и Соединетите Држави веќе го постигнале - т.е., штом тие ќе можат да ја задоволат потребата за удобен живот - нив не ќе им треба терор, и ќе почнат да ги користат истите средства за манипулација кои се користат на Запад: сугестијата и наговорањето. Овој развиток ќе доведе до конвергенција на капитализмот од дваесеттиот век и комунизмот од дваесеттиот век. И двата системи се засноваат врз индустријализацијата; нивна цел е постојаното зголемување на економската ефикасност и богатство. Тие се општества управувани од менаџерска класа, односно од професионални политичари. И двата система имаат закоравен материјалистички поглед на свет, без оглед што на Запад формално се прифаќа христијанската идеологија, а на Исток световното месијанство. Тие ги организираат масите во централизиран систем, во големи фабрики, во масовни политички партии. Во двата системи, доколку тие продолжат по овој пат - човекот, отуѓениот човек - кој е добро-нахранет, добро-облечен, и добро-забавуван автомат-човек управуван од бирократи кои се ограничени во своите цели исто како и човекот целосно ќе го замени разумниот и чувствителниот човек. Предметите ќе бидат на прво место, а човекот ќе биде мртов; тој ќе зборува за слобода и индивидуалност, а ќе биде ништо.


Каде сме ние денес?


Капитализмот и вулгарниот, деформиран социјализам го доведоа човекот до онаа точка каде што тој е во опасност да стане дехуманизиран автомат; тој го губи своето ментално здравје и се наоѓа пред целосно самоуништување. Само со целосна свест за сопствената ситуација и за нејзините опасности, и со една нова визија за животот во којшто можат да се остварат човечката слобода, достоинството, креативноста, разумот, правдата и солидарноста, можеме да се спасиме од сигурното распаѓање, од губењето на слободата или од уништувањето. Ние не сме принудени да бираме помеѓу менаџерскиот систем на слободна иницијатива и менаџерскиот комунистички систем. Постои трета солуција, онаа на демократскиот, хуманистички социјализам којшто, заснован врз изворните принципи на социјализмот, ни нуди визија на едно ново, вистински хумано општество.