Erich Fromm - "On Disobedience and other essays", 1984
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска
Овој труд се всредоточува само на психолошките аспекти на загарантираниот приход, на неговите предности и на ризикот што го носи, и на човечките проблеми што произлегуваат од него.
Најважната причина за прифаќањето на оваа идеја се состои во тоа што таа би можела драстично да ја зголеми слободата на единката. Во досегашната историја, човечката слобода на дејствување била ограничувана од два фактора: од употребата на сила од страна на владетелите (особено можноста да ги убијат оние кои им се спротивставувале), и што е уште поважно, од заканата со глад против сите оние што без волја ги прифаќале условите за работа и општествената егзистенција што им биле наметнувани.
Оној што не ги прифаќал овие услови, дури и кога не бил употребуван друг вид сила против него, се соочувал со опасност да умре од глад. Принципот кој преовладувал низ поголемиот дел од човечката историја во минатото, а и денес е: „Тој што не работи, нема ни да јаде.“ Оваа закана го присилувала човекот не само да дејствува онака како што се барало од него, туку и да мисли и да чувствува на начин којшто нема да го доведе во искушение да постапува поинаку.
Фактот дека изминатата историја е заснована врз принципот на страв од изумирање од глад, според последните сознанија, извира од фактот дека, со исклучок на некои примитивни општества, човекот живеел на степен на оскудица, како економски така и психолошки. Никогаш немало доволно материјални добра за да се задоволат потребите на сите; обично една мала група „управувачи" си земала се што им сакала душата, а на мнозинството, за кое немало место на трпезата, му било речено дека според божјите или природните закони, така требало да биде. Но, мора да се нагласи дека главната причина за ова не лежи во алчноста на „управувачите“, туку во нискиот степен на материјалната продуктивност.
Загарантираниот приход, кој е можен дури во ерата на економското изобилство, првпат би можел да го ослободи човекот од стравот од гладување и така да го направи вистински слободен и независен од каква и да е економска закана. Во тој случај, никој не би морал да ги прифати условите за работа само затоа што инаку би стравувал од глад; маж или жена кои се надарени или амбициозни, би можеле да се обучат за друго занимање и да ја променат професијата. Жената би можела да го напушти сопругот, а адолесцентот своето семејство. Луѓето повеќе не би стравувале доколку не би морале да се плашат од глад. (Се разбира, ова би важело доколку не би постоеле ни политичките закани што ја инхибираат човечката слободна мисла, говор и акција.)
Загарантираниот приход не само што би ја востановил слободата како стварност, наместо како фраза, туку би го остварил и принципот кој е длабоко вкоренат во западната религиозна и хуманистичка традиција: човекот пред се има право на живот! Правото на живот, храна, засолниште, медицинска нега, образование и т.н. претставува интринсично човечко право што не може да му се ограничи со ништо, дури ни со условот дека тој мора да биде општествено „корисен“.
Преминувањето од психологијата на оскудица кон психологијата на изобилство претставува еден од најзначајните чекори во човечкиот развиток. Психологијата на оскудица произведува анксиозност, завист и еготизам (што најдрастично се сретнува во сите селски култури). Психологијата на изобилство произведува иницијатива, верба во животот и солидарност. Но, факт е дека и во време кога индустрискиот свет навлегува во ерата на економското изобилство, повеќето луѓе психолошки се уште се на позициите на економската оскудица. Токму заради оваа психолошка „заостанатост многумина не можат да ги разберат новите идеи што ги содржи поимот на загарантираниот приход, бидејќи традиционалните идеи најчесто се определени од чувствата кои потекнуваат од претходните облици на општествениот живот.
Понатаму, ако загарантираниот приход се спои со големо скратување на работното време за сите, духовните и религиозните прашања на човековото живеење би станале реални и императивни. Досега човекот бил премногу зафатен со работа (или бил премногу уморен по работата) за да може сериозно да се занимава со прашања какви што се: „Што е смислата на животот?“, „Во што верувам?“, „Кои се моите вредности?“, „Кој сум јас“? и т.н. Кога работата нема да му биде главна преокупација на човекот, тој или ќе биде слободен сериозно да се зафати со овие прашања, или пак делумно ќе полуди од здодевност. Од сето ова произлегува дека економското изобилство, односно ослободеноста од стравот да не се умре од глад, го означува преминот од претчовечко кон вистинско човечко општество.
Заокружувајќи ја оваа слика неопходно е да се покренат некои прашања за или против идејата на загарантираниот приход. Првото прашање е дали загарантираниот приход би го смалил мотивот за работа.
И покрај фактот што расте бројот на невработените за кои прашањето на мотивот е ирелевантно, тоа е сериозен проблем. Како и да е, јас сметам дека може да се покаже дека материјалниот мотив не е и единствениот мотив за работа и залагање. Имено, постојат и други мотиви: гордоста, општественото признание, задоволството во самата работа и т.н. За тоа има доволно примери. Најочигледен пример е работата на научниците и уметниците, чии исклучителни дострели не биле мотивирани од паричен профит, туку од спој на различни фактори: пред се, интересот за она што го правеле; исто така гордоста од сопствените достигнувања или желбата за слава. Иако се чини очигледен, овој пример не е сосема убедлив, затоа што може да се рече дека овие исклучителни луѓе правеле извонредни напори бидејќи биле извонредно надарени, па така тие не се пример за однесувањето на просечниот човек. Се чини дека овој приговор не може да се смета валиден, доколку ги разгледаме мотивите за дејствување на некои луѓе кои немаат исклучителни квалитети како големите креативни личности. Какви ли не напори се вложени на полето на сите спортови и во различните видови хоби, каде што не постои никаков материјален мотив! Во колкава мера заинтересираноста за самиот работен процес може да биде мотив за работа, првпат јасно покажа професорот Мајо во неговото класично истражување во фабриката. Самиот факт дека неквалификуваните работнички биле вклучени во експериментот за продуктивноста на трудот како предмет на истражување и фактот дека тие станале заинтересирани и активни учеснички во експериментот, доведе до зголемување на продуктивноста, па дури и до подобрување на нивното физичко здравје.
Проблемот станува појасен дури кога ќе ги разгледаме постарите облици на општества. Ефикасноста и неподмитливоста на традиционалната пруска државна служба биле прочуени, иако паричните награди биле многу мали; во овој случај поимите какви што се чесност, лојалност, и должност, биле решавачки мотив за ефикасното работење. Но сепак, при разгледувањето на прединдустриските општества (какви што се средновековните европски општества или полуфеудалниге општества во Латинска Америка на почетокот на овој век) се појавува еден друг фактор. Во овие општества, столарот, на пример, кој работел за да заработи доволно за потребите на својот традиционален животен стандард, би одбил да работи повеќе отколку што му е потребно.
Второ, факт е дека човекот по природа не е мрзлив, туку, напротив тој страда поради неактивност. Луѓето можеби би сакале да не работат месец, два, но најголемиот дел од нив би молеле за работа дури и ако не би биле платени за тоа. Полето на детскиот развиток и областа на менталните болести пружаат мноштво податоци во врска со ова; потребно е само систематско истражување, во кое од аспект на „мрзливоста како болест“ ќе се средат и анализираат постоечките податоци, и прибирање на уште повеќе податоци во нови соодветни истражувања.
Како и да е, ако парите не се главен мотив, тогаш работата во техничка и општествена смисла треба да биде доволно привлечна и интересна за да ја совлада непријатноста на неработењето. Модерниот, отуѓен човек смртно се досадува (обично несвесно), па така копнее по мрзливост, наместо по активност. Овој копнеж сам по себе претставува симптом на нашата „патологија на нормалноста“. Злоупотребата на загарантираниот приход веројатно ќе исчезне за кусо време, исто како што луѓето, само по неколку недели веќе не се прејадуваат со слатки за кои не мораат да плаќаат.
Другиот приговор е следниов: дали исчезнувањето на стравот од смртен глад навистина ќе го направи човекот многу послободен, земајќи предвид дека оние што заработуваат за удобен живот се исто толку уплашени да не ја загубат работата што им обезбедува да речеме, 15.000 долари годишно, колку што се и оние кои доколку ја загубат работата би гладувале? Ако овој приговор важи, тогаш загарантираниот приход би ја зголемил слободата на широкото мнозинство, но не и на средната и повисоката класа.
За целосно да го сфатиме овој приговор, потребно е да го разгледаме духот на современото индустриско општество. Човекот се претворил во homo consumens. Тој е лаком и пасивен, и се обидува својата внатрешна испразнетост да ја компензира со постојано зголемување на потрошувачката (постојат многу клинички примери за овој механизам во случаите на прејадување, препивање и прекумерно купување како последица на депресија и анксиозност); тој конзумира цигари, алкохол, секс, филмови, патувања, како и образование, книги, предавања и уметност. Тој се чини дека е активен и „растреперен“, а сепак, длабоко во себе тој е вознемирен, осамен, потиштен и се досадува (здодевноста може да се дефинира како еден вид хронична депресија која може успешно да се компензира со потрошувачка). Индустријализмот на дваесеттиот век го создаде овој нов психолошки тип, homo consumens, првенствено од економски разлози, т.е. од потребата за масовна потрошувачка која е стимулирана и манипулирана со рекламитe. Еднаш создаден, овој тип на карактер повратно влијае врз економијата и прави принципот на растечкото задоволување да се чини разумен и реалистичен.
Современиот човек има неограничена глад за поголема потрошувачка. Од тоа произлегуваат следниве последици: ако гладта за потрошувачка е безгранична, поради што во догледна иднина ниедна економија не ќе може да произведе доволно за неограничената потрошувачка на сите, тогаш се додека доминира карактерната структура на homo consumens, нема да има вистинско „изобилство“ (во психолошка смисла). Без разлика колку има, за алчниот човек секогаш постои оскудица, зашто никогаш не му е доста. Натаму, тој е желен да се натпреварува со сите; затоа тој во основа е осамен и исплашен. Тој не може вистински да ужива во уметноста или во другите културни стимулации, зашто во основа останува алчен. Тоа значи дека оние коишто живеат од загарантираниот приход би се чувствувале фрустрирани и безвредни, а оние кои заработуваат повеќе, би станале заробеници на околностите, бидејќи би се плашеле да не ја загубат можноста за максимална потрошувачка. Поради тоа, јас верувам дека загарантираниот приход, без да се отстапи од принципот на максимална потрошувачка, би решил само некои (економски и општествени) проблеми, но не би имал радикални последици какви што би требало да има.
Што тогаш треба да се стори за да се оствари загарантираниот приход? Во принцип, системот на максималната потрошувачка мораме да го замениме со систем на оптимална потрошувачка. Тоа би значело:
Во индустријата да се премине од производство на стоки за индивидуална потрошувачка во производство на стоки за јавна употреба: училишта, театри, библиотеки, паркови, болници, јавен сообраќај, станови; со други зборови, тежиштето во производството да се стави врз оние предмети кои се основа за развивање на внатрешната продуктивност и активност на единката. Може да се покаже дека лакомоста на homo consumens се однесува главно на индивидуалната потрошувачка на прeдмeти коишто тој ги „Јаде“ (ги инкорпорира), додека пак, користењето на бесплатни јавни услуги, коишто му овозможуваат да ужива во животот, не предизвикува алч ност и лакомост. Ваквата промена од максимална кон оптимална потрошувачка бара драстични промени во начинот на производството, како и драстична редукција на рекламните техники кои го поттикнуваат апетитот и го плакнат мозокот и т.н. Ова, исто така би требало да се комбинира и со драстични културни промени: ренесанса на хуманистичките вредности на животот, продуктивноста, индивидуалноста и т.н., наспроти на материјализмот на „човекот на организацијата" и на изманипулираниот мравјалник.
Овие размислувања упатуваат на нови проблеми што треба да се проучат: постојат ли објективно валидни критериуми за разликување помеѓу рационалните и ирационалните, помеѓу добрите и лошите потреби, или пак сите субјективно почувствувани потреби имаат иста вредност? (Под добри потреби овде се подразбираат оние коишто ја зголемуваат човечката животност, свест, будност, продуктивност, чувствителност; а под лоши, оние потреби кои ги слабеат или парализираат овие човечки потенцијали.) Мора да се напомене дека сите ние ги правиме овие разлики кога се работи за наркоманијата, прејадувањето и алкохолизмот. Проучувањето на овие проблеми ќе не одведе кон следниве практични прашања: кои се минималните легитимни потреби на една единка? (На пример: на секој човек по една соба, толку и толку облека, калории, артикли за културна потрошувачка какви што се радиото, книгите и т.н.). Во едно релативно богато општество какво што се Соединетите Држави денес, лесно е да се пресмета колку чини еден пристоен егзистенцијален минимум, како и тоа, кои се границите на максималната потрошувачка. Би требало да се воведе и прогресивен данок на потрошувачката која преминува некој определен праг. Ми се чини дека е важно да се избегне постоењето на сиромашните четврти. Сето тоа би значело комбинирање на принципот на загарантираниот приход со трансформација на нашето општество од максимална кон оптимална индивидуална потрошувачка и драстично свртување од производство за индивидуални потреби кон производство за општествени потреби.
Мислам дека е важно идејата за загарантираниот приход да се надополни со уште една: идејата за бесплатна потрошувачка на некои артикли. Еден пример би бил лебот, потоа млекото и зеленчукот. Да претпоставиме за момент, дека секој може да отиде во која и да е фурна и да земе онолку леб колку што сака (државата би го плаќала целото производство на леб). Како што веќе споменавме, алчните во почетокот ќе земаат повеќе отколку што им треба, но по извесно време оваа „алчна потрошувачка“ ќе стивне, и луѓето ќе земаат онолку колку што навистина им треба. Според мене, ваквата бес- платна потрошувачка би отворила нова димензија на човековиот живот (доколку во тоа не гледаме повторување на потрошувачкиот модел од некои примитивни општества, но овој пат на многу повисоко ниво). Човекот би се ослободил од принципот „Оној што не работи, нема ни да јаде“. Дури и со ваков почеток на бесплатна потрошувачка би можело да се создаде едно сосема ново искуство на слободата. И на лаик му е јасно дека државата би можела да го финансира снабдувањето со бесплатен леб за сите, а трошоците би ги покривала со соодветна такса. Можеме да одиме чекор понатаму. Да претпоставиме дека бесплатно ќе се задоволуваат не само минималните потреби за храна - леб, млеко, зеленчук, овошје - туку и минималните потреби за облекување (според некој ред секој би можел еднаш годишно да добие бесплатно еден костум, три кошули, шест пара чорапи и т.н.); дека превозот ќе биде бесплатен, при што, се разбира, системот на јавниот превоз ќе биде многу подобрен, а приватните автомобили ќе станат многу поскапи. Конечно, би можело да се замисли дека на сличен начин може да се реши и станбеното прашање, со големи станбени проекти, со спални соби за младите, една мала соба за постарите, или за брачните парови, кои би се користеле бесплатно од страна на заинтересираните. Тоа ме води кон помислата дека друг начин на решавање на проблемот на загарантираниот приход е преку бесплатна минимална потрошувачка за сите потреби, наместо преку готовинското плаќање. Производството за овој минимум потреби заедно со високо развиените комунални услуги, би обезбедило и континуитет на производството и исплатување на загарантираниот приход.
На овој метод може да му се приговори дека е порадикален, што значи и помалку прифатлив од оној што го предлагаат другите автори. Тоа е можеби точно; но не смее да се заборави дека, од една страна, овој метод на минимум бесплатни услуги теориски би можел да се вклопи во сегашниов систем, додека од друга страна, идејата за загарантираниот приход на многумина нема да им биде прифатлива, не затоа што е неизводлива, туку поради психолошкиот отпор против укинувањето на принципот „Оној што не работи, нема ни да јаде.“
Потребно е да се проучи уште еден филозофски, политички и психолошки проблем: проблемот на слободата. Западниот поим на слободата во голема мерка се засновува врз слободата за сопственост и нејзиното искористување, доколку со тоа не се загрозуваат легитимните интереси на другите. Но, овој принцип бил на многу начини нарушуван во западните индустриски општества, и преку оданочувањето што претставува форма на експропријација, и преку државната интервенција во земјоделието, трговијата и индустријата. Истовремено, приватната сопственост над средствата за производство забрзано се заменува со полуопштествена сопственост типична за гигантските корпорации. Со оглед на тоа дека загарантираниот приход би значел дополнителна државна регулатива, не смее да се загуби од вид дека поимот на слободата за просечниот човек денес лежи не толку во слободата да ја поседува или да ја користи сопственоста (капиталот), колку во слободата да консумира се што сака. Денес, за многумина ограничувањето на бескрајната потрошувачка значи ограничување на нивната слобода, иако само оние на врвот се навистина слободни да го одберат она што го сакаат. Можноста за избор помеѓу различни марки на ист вид стоки и различни видови стоки создава илузија за слобода на личноста, додека во стварноста единката го бара само она за што е условена да го бара. Кон проблемот на слободата треба да се пристапи поинаку, затоа што само со премин од homo consumens кон продуктивна и активна личност, човекот ќе ја доживее слободата како вистинска независност, а не како неограничен избор на стоки.
Од принципот на загарантираниот приход може да се очекува целосен ефект само при: (1) промена на навиките во потрошувачката, и претворањето на homo consumens во продуктивен и активен човек (во Спинозина смисла); (2) создавање нов духовен став, оној на хуманизмот (во теистички или нетеистички облик); и (3) ренесанса на вистинските демократски методи (на пример, еден нов Долен Дом во којшто се обединуваат и сумираат решенијата на стотици илјадници непосредни групи, во кои активно учествуваат сите вработени во било кој вид претпријатие, во управата и т.н.). Опасноста од тоа, пак, државата која ги храни сите да не стане мајка божица со диктаторски особини, може да се превлада само со едновремено драстично подобрување на демократските процедури во сите сфери на општествените дејности. (Факт е дека денес, иако не ги пружа тие бенефиции, државата сепак е бескрајно моќна.)
Заедно со економските истражувања на полето на загарантираниот приход, мора да се преземат и други: психолошки, филозофски, религиозни, педагошки. Според мое мислење, загарантираниот приход ќе постигне голем успех само ако е придружен од промени во другите сфери. Не смее да се заборави дека идејата на загарантираниот приход може да успее само ако престанеме да трошиме десет проценти од нашето вкупно богатство на економски бескорисното вооружување; ако можеме да го запреме ширењето на бесмисленото насилство со систематско пружање помош на неразвиените земји и ако изнајдеме начини да ја запреме демографската експлозија. Без вакви промени, ниеден план за иднината нема да успее, зашто иднина нема ни да има.