TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Болеста на новиот век

Erich Fromm - "Zen Buddhism and Psychoanalysis", 1970


И додека најголем дел од луѓето на Западот свесно не чувствуваат дека живеат во време на криза на западната култура (најверојатно, никогаш и немало мнозинство луѓе, кои во радикално критична ситуација, биле свесни за кризата), постои согласност, барем меѓу извесен број критичари, за постоењето и природата на оваа криза. Тоа е кризата што била опишувана како ,,неспокој“, „здодевност“, „тегобност на столетието“, ќорсокак на животот, автоматизација на човекот, отуѓување од себе си, од другите и од природата.


Човекот го следел рационализмот до точката кога тој се преобратува во краен ирационализам. Почнувајќи од Декарт, човекот се повеќе ја одвојувал мислата од чувствата; самата мисла била третирана како рационален афект, ирационална по својата природа; личноста, јас, била сведена на интелект, кој го сочинува моето јас и кој мене ме контролира, како што ја контролира природата. Контролата на интелектот врз природата и производството на се повеќе и повеќе ствари, станува најважна цел во животот. Во овој процес човекот се преобратил во ствар, животот станал подреден на поседувањето, „да се биде" бидува доминирано од „да се има".


Додека корените на Западната култура, и Грците и Евреите, го сметале совршенството на човекот за цел на животот, современиот човек е загрижен за совршенството на стварите и за знаењето како да ги направи. Западниот човек е во состојба на шизоидна неспособност да доживее чувства, затоа и е растроен, депримиран и очаен. Тој се уште се стреми кон среќа, индивидуализам, иницијатива - но, во суштина нема цел. Прашајте го за што живее, која е целта на сите негови тежнеења - тој ќе се засрами. Некои ќе речат дека живеат за своите семејства, за другите, за да „се забавуваат“, некои други, за да прават пари, но во стварност никој не знае за што живее; се нема цел, освен желбата да избега од несигурноста и самотијата.


На почетокот на овој век, луѓето кои посетувале психијатар биле главно луѓе што страдаат од некакви симптоми. Имале парализирана рака или симптом на опсесивност, како на пример, незапирлив импулс за миење, или страдале од опсесивни мисли од кои не можеле да се осободат. Со други зборови, тие биле болни во смисла во која зборот „болест“ се користи во медицината; понекогаш спречувајќи ги социјално да функционираат, така како што таканаречената нормална личност функционира. Доколку тоа е она од коешто страдаат, нивниот концепт за лек кореспондира со концептот на болест. Тие посакувале да се ослободат од симптомите, а нивниот поим за „здравје“ бил - да не се биде болен. Тие посакувале да бидат добро како секој просечен човек или, кажано поинаку, посакувале да бидат не повеќе несреќни и растроени отколку просечен човек во нашата средина.


Овие луѓе се уште доаѓаат кај психоаналитичарот барајќи помош и за нив психоанализата е се уште терапија чија цел е отстранување на нивните симптоми, овозможувајќи им да функционираат општествено. Меѓутоа, додека порано тие го сочинувале мнозинството од клиентелата, денес се малцинство - веројатно не поради тоа што нивниот апсолутен број е помал одошто порано, туку поради тоа што нивниот број е релативно помал во споредба со многуте нови „пациенти“, кои функционираат општествено, кои не се болни во вообичаена смисла, но кои страдаат од „болеста на столетието“, неспокој, внатрешна умртвеност за која погоре зборував. Овие нови „пациенти" го посетуваат психоаналитичарот не знаејќи од што навистина страдаат. Се жалат дека се депресивни, имаат несоница, несреќни се во своите бракови, не уживаат во работата и многу други слични проблеми. Обично веруваат дека овој или оној конкретен симптом е нивниот проблем и дека доколку се ослободат од таа непријатност, ќе бидат добро. Меѓутоа, пациентите обично не гледаат дека нивниот проблем не е депресијата, несоницата, нивните бракови или работата. Разните тегоби се само свесна форма во која нашата култура дозволува да биде изразено нешто што лежи многу подлабоко, што е заедничко за различни луѓе кои свесно веруваат дека страдаат од овој или од оној конкретен симптом. Вообичаените тегоби се отуѓување од себе си, од другите луѓе и од природата; свесноста дека животот ни се измолкнува како песокот низ рацете и дека човек може да умре без воопшто да живеел; дека човек може да живее во изобилие, a сепак да е несреќен.


Каква помош психоанализата може да им понуди на оние кои страдаат од „болеста на столетието“? Помошта е, и мора, да се разликува од „лекувањето“ кое се состои во отстранување на симптомите кај оние кои не можат социјално да функционираат. За оние кои страдаат од отуѓеност, излекувањето не се состои во отсуство на болест, туку во присуство на добросостојба. Меѓутоа, ако треба да ја дефинираме добросостојбата, се среќаваме со значителни проблеми. Доколку останеме во Фројдовиот систем, добросостојбата треба да се дефинира преку термините на теоријата на либидото, како капацитет за потполно генитално функционирање, или од друг агол на гледање, како свесност за скриена едиповска ситуација; дефиниции кои, според мое мислење, се само индиректни во однос на вистинскиот проблем на човековото постоење и постигнувањето на добросостојба на потполниот човек. Секој обид да се даде прелиминарен одговор на проблемот на благосостојбата мора да ја надмиме Фројдовата рамка на објаснување и да води кон расправа за основниот концепт на човековото постоење што лежи во основата на хуманистичката психоанализа.


Човековото постоење загатнува прашање. Човекот е фрлен во овој свет без своја воља и бидува одземен од него повторно без негова воља. Спротивно на животните кои во своите инстинкти имаат "вграден" механизам за приспособување кон својата средина, живеејќи потполно внатре во природата, на човекот му недостасува таков механизам. Тој мора да го живее својот живот, тој не е живеен од него. Тој е во природата, а сепак ја трансцедентира, има свесност за себе, а таа свесност за себе како одвоен ентитет го прави да се чуствува неподносливо сам, изгубен, беспомошен. Самиот факт на раѓање содржи проблем. Во моментот на раѓање, животот му поставува прашање на човекот, а прашањето мора да биде одговорено. Мора да го одговора во секој момент;не неговиот ум, не неговото тело, туку тој, човекот кој мисли и сонува, кој спие и јаде, плаче и се смее - целиот човек - мора да го одговори.


Кое е тоа прашање што животот го содржи? Прашањето е: како ние можеме да го надминеме страдањето, заробувањето, срамот што го создава искуството на одвоеноста; како да најдеме единство внатре себе, со дргите, со природата ? Човекот мора на некој начин да одговори на ова прашање; дури и во лудило одговорот се дава прецртувајќи ја стварноста надвор од себе, живеејќи потполно внатре нашата школка, така совладувајќи го стравот од одвоеноста.


Прашањето е секогаш исто. Меѓутоа, постојат неколку одговори или во основа, само два. Едниот се состои во надминувањето на одвоеноста и наоѓање на единството по пат на peгpecuja до состојба на единство, која постоела пред свесноста воопшто да се зароди, т.е. пред настанувањето на човекот. Другиот одговор се состои во потполното рагање, во развивање на сопствената свесност, разум, способноста за љубов до степен на надминување на сопственото егоцентрично мешање и постигнување нова хармонија, во едност со светот.


Кога зборуваме за раѓање, обично се помислува на чинот на физиолошкото раѓање, кој за човечкото новороденче се случува по околу девет месеци од зачнувањето. Но, на многу начини ваквото раѓање е преценето. Во значајни аспекти животот на новороденчето една недела по раѓањето повеќе личи на интраутробна егзистенција одошто на егзистенција на возрасен маж или жена. Сепак, постои исклучителен аспект на раѓањето: папочната врвца е пресечена и новороденчето ја отпочнува својата прва активност - дишењето. Секое прекинување на примарните врски, оттука па натаму, е возможно само до тој степен до каде тоа прекинување е придружено со вистинско делување.


Раѓањето не е изолиран чин; тоа е процес. Целта на животот е потполно раѓање, иако повеќето донас умираат пред да бидат родени на таков начин. Животот значи раѓање во секоја минута. Смртта настапува кога раѓањето ќе престане. Физиолошки, нашиот клеточен систем е во процес на континуирано раѓање; сепак, психолошки повеќето од нас завршуваат со раѓањето во даден момент. Некои во потполност како мртвородени; тие продолжуваат да живеат физиолошки, додека психолошки копнеат да се вратат во утробата, во земјата, темнината, смртта; тие се ментално болни или блиску до тоа. Многу други продолжуваат понатака по патеката на животот. А, сепак не можат, така да се каже, сосема да ја пресечат папочната врвца; тие остануваат симболично приврзани за мајката, таткото, фамилијата, расата, државата, статусот, парите, боговите итн.; никогаш не излегуваат потполно сами и според тоа никогаш не бидуваат потполно родени.


Регресивниот обид да се одговори на проблемот на постоењето, претпоставува различни форми; она што е заедничко за сите, е што по правило се неуспешни и водат кон страдање. Еднаш, човекот беше откинат од претчовечкото, рајско единство со природата, и тој никогаш нема да може да се врати од каде што дошол; два ангела со остри мечеви му го попречуваат враќањето. Враќањето може да се оствари само во смрт или во лудило - никако во живот и ментално здравје.


Човек може да тежнее да го пронајде ова регресивно единство на повеќе нивоа, кои едновремено се неколку нивоа на патологија и ирационалност. Може да биде обземен од страста да се врати во матката, во мајката земја, во смртта. Ако оваа цел е сеобземувачка и неконтролирана, резултатот е самоубиство или лудило. Помалку опасна и патолошка форма на регресивното барање единство е целта да се задржи врската со мајчината дојка, мајчината рака или татковата заповед. Разликите помеѓу овие различни цели ги одбележуваат разликите помеѓу различните типови личности. Оној кој останува поврзан со мајчината дојка е вечно зависно цицалче, кое еуфорично ја доживува љубовта, грижата, заштитата и обожувањето, а се исполнува со неподнослив немир доколку биде одвоено од мајката полна со љубов. Оној кој останува врзан за татковата заповед може да развива иницијативност и активност, но, секогаш под услов да постои авторитет кој наредува, кој дава пофалби и казнува. Уште еден облик на регресивна ориентација лежи во деструктивноста, во тежнеењето за надминување на одвоеноста преку страста за уништување на сешто и секој. Некој може да ја бара преку желбата да проголта и да припои кон себе сешто и секого, т.е. преку искусување на светот и се во него како храна или преку отворена деструктивност кон се, освен кон едно нешто - себе си. Уште еден обид да се залечи страдањето поради одвоеноста, лежи во градење на сопственото Его како изделена, утврдена, неуништива „ствар“. Тогаш личноста се доживува себе си како свој сопствен посед, сопствена моќ, углед, интелект.


Излегувањето на единката од регресивното единство е придружено со постепено совладување на нарцизмот. Кај новороденчето, веднаш по раѓањето нема дури ни свест за реалноста која постои надвор од него, во смисла на сетилна перцепција; тоа и мајчината брадавица, мајчината дојка се се уште едно; тоа се наоѓа во состојба пред каква било субјект-објект диференцијација. По кратко време, кај секое дете се развива способноста за субјект-објект диференцијација - но само во јасно чувство на свесност за разликата помеѓу мене и не-мене. Меѓутоа во смисла на чувствување, потребен е развој до потполна зрелост за да се надмине нарцисоидниот став на сезнајност и семоќност, доколку овој стадиум воопшто се достигне.


Нарцисоидното однeсување јасно се набљудува кај децата и невротичните луѓе, со исклучок што кај првите обично е свесно, додека кај вторите несвесно. Детето не ја прифаќа стварноста каква што е, туку каква што тоа сака да биде. Тоа живее во своите желби, а неговата претстава за стварноста е онаква каква што тоа сака да бнде. Доколку неговата желба не е исполнета, тоа стаиува гневно, а функцијата на неговиот гнев е да го принуди светот (со посредство на мајката и на таткото) да кореспондира на неговите желба. При нормален развој на детето, ваквото однесување по полека се менува во зрело однесување, во свесност за стварноста и прифаќање на истата, нејзините законитости, а оттука и принудите. Кај невротичниот човек, речиси секогаш наоѓаме дека воопшто не дошол до овој стадиум и не се откажал од нарцисоидната интерпретација на стварноста. Тој тврди дека стварноста треба да се приспособи на неговите идеи, а доколку утврди дека тоа не е случај, реагира или со импулс да ја принуди да одговори на неговите желби (т.е. да го направи невозможното), или со чувство на немоќ, бидејќи не може да го изведе невозможното. Поимот за слобода што оваа личност го има, без оглед дали е свесна за тоа или не, е нарцисоидна семоќ, додека пак, поимот за слобода на потполно развиената личност е во признавање на стварноста и нејзините законитости, делување во рамките на принудата, поврзувајќи се со светот продуктивно, зграпчувајќи го со сопствените способности за мислење и чувствување.


Овие различни цели и начините тие да се достигнат, сепак не се различни системи на мислење. Тоа се различни начини на постоење, ралични одговори на потполниот човек, на прашањето кое животот му ги поставува. Тоа се истите одговори кои биле давани од различни религиски системи, кои ја сочинуваат историјата на религијата. Од примитивниот канибализам до Зен будизмот, човечката раса дала само неколку одговори на прашањето за постоењето, а секој човек во текот на својот живот дава некој од овие одговори, иако обично несвесен за одговорите што ги дава. Во нашата западна култура речиси сите мислат дека даваат одговори на христијанството или на јудаизмот, или одговор на просветлениот атеизам, но доколку би можеле да направиме ментален рендгенски преглед на секој човек, ќе најдеме толку многу следбеници на канибализмот, толку многу тотемски обожувачи, толку многу обожувачи на идоли од различен вид, а само малку христијани, евреи, будисти, таоисти. Религијата е формализиран и детален одговор на човековото постоење, и со оглед дека може да биде споделена со другите, во свеста и со ритуалите, дури и најпримитивните религии создаваат чувство на разумност и сигурност преку сплотеноста со другите. Ако не е споделена, ако регресивните желби се во контраст со свеста и барањата на постоечката култура, тогаш тајната, индивидуална „религија“ е неврозата.


За да се разбере еден одделен пациент - или кое било човечко суштество - мора да се знае каков е неговиот одговор на прашањето за постоењето, или поинаку кажано, што е неговата тајна, индивидуална религија, на што сите негови напори и страсти се посветени. Повеќето од она што се смета за „психолошки проблем“ се само секундарни последици на неговиот основен „одговор“ и оттука, бескорисен е обидот да се „лекуваат“ пред овој основен одговор - т.е. неговата тајна, приватна религија - да биде разбрана.


Враќајќи се повторно на проблемот на добросостојбата, прашањето е: како би можеле да ја дефинираме во духот на она што беше кажано до сега? Добросостојбата е состојбата на достигнување потполн развој на разумот: разум, не само во смисла на интелектуално просудување, туку во смисол на дофаќање на вистината со „оставање на стварите да бидуваат“ (да го употребиме терминот на Хајдегер), онакви какви што се. Добросостојбата е можна само до степен каде што единката го надминала сопствениот нарцизам; до степен каде што единката е отворена, одговорна, чувствителна, разбудена, празна (во Зен смисла). Добросостојбата значи да се биде во потполн емоционален однос со човекот и природата, да се надминат одвоеноста и оттуѓеносга, да се достигне искуството на единството со се што постои - а сепак да се доживеам себе си, едновремено како одвоен ентитет каков што јас сум, како индивидуа. Добросостојбата значи да се биде потполно роден, да се стане она што човек потенцијално е; тоа значи да се има полн капацитет за радост и тага, или кажано поинаку, будење од полусонот во кој просечниот човек живее, и да се биде потполно разбуден. Ако тоа е се, тоа уште значи и да се биде креативен т.е. да се реагира и одговара на себе си, на другите, на се што постои - да се реагира и одговара како вистински, потполн човек каков што сум, кон стварноста на сите и се, какви што тие се. Во овој чин на вистински однос се крие областа на креативноста, на гледањето на светот каков што е и доживувањето на истиот како мој свет, свет создаден и преобразен со моето креативно опфаќање, така што светот престанува да биде непознатиот свет „таму некаде“ и станува мој свет. Конечно, добросостојбата значи да се испушти Егото, да се отфрли алчноста, да се престане со трката за зачувување и зголемување на Егото, да се биде и да се доживува себе си преку чинот на бидување, а не преку имање, зачувување, копнеење, користење.


Во претходните забелешки, се обидов да укажам на паралелниот развој на поединецот и на историјата на религијата. Со оглед на фактот што овој труд се занимава со односот на психоанализата и Зен будизмот, чувствувам за потребно, во продолжение да образложам барем некои од психолошките аспекти на религиозниот развој. Реков дека со самиот факт на постоењето, на човекот му се поставува прашање, и дека тоа прашање произлегува од неговата внатрешна противречност - да се биде дел од природата, а во истовреме да се трансцендира истата, со самиот факт што тој е живот, свесен за себе. Секој човек кој го слуша прашањето што му е поставено и за кого одговорањето на истото станува предмет од „најголема важност“, кој го одговара како потполн човек, а не само со мисли, е „религиозен“ човек; а сите системи што се обидуваат да дадат, да подучуваат и да пренесат такви одговори се „религии". Од друга страна, секој човек - и секоја култура - кои се обидуваат да се оглушат на проблемите на постоењето се ирелигиозни. He може да се наведе подобар пример за луѓе кои се глуви за прашањето на постоењето, одошто самите ние, кои живееме во дваесеттиот век. Се обидуваме да го одбегнеме прашањето, занимавајќи се со сопственоста, угледот, моќта, производството, забавата и конечно обидувајќи се да заборавиме дека ние - дека јас - постоиме. He е битно колку често тој мисли на Бог или оди во црква, или колку многу верува во религиозните идеи, ако тој, целиот човек, е глув за прашањето на постоењето, ако нема одговор на него, тој чекори во место и живее и умира како и милионите ствари што ги создава. Тој мисли на Бог, наместо да го искуси бидувањето Бог.


Она што е заедничко за јудео-христијанската и зен-будистичката мисла е свесноста дека јас морам да се откажам од сопствената волја (во смисла на желба да се принуди, насочи, задуши светот во и надвор од мене) за да бидам потполно отворен, пресретлив, буден, жив. Во зен-терминологијата тоа често се варекува „да се сториш празен" - што не значи нешто негативно, се мисли на отвореноста за примање. Во христијанската терминологија тоа често се нарекува „да се погубиш себе си и да ја прифатиш божјата волја“. Изгледа дека зад овие две различни формулации, меѓу христијанското и будистичкото искуство нема голема разлика. Сепак, што се однесува до општоприфатената интерпретација и искуство, оваа формулација значи дека наместо сам да одлучува, човекот му го препушта одлучувањето на сезнајниот, семоќниот татко, кој се грижи и знае што е добро за него. Јасно е дека преку ваквото искуство човек не станува отворен и одговорен, туку покорен и послушен. Да се следи божјата волја во смисла на вистинско отфрлање на егоизмот е најдобро, доколку не постои концепт за Бог. Парадоксално, јас вистински ја следам божјата волја, доколку заборавам на Бог. Зен концептот за празнина го имплицира вистинското значење на откажувањето од сопствената волја, без опасност од враќање назад кон идолатрични концепти на татко - помагач.