TIME.mk

ВЕСТИ

NEWS

Netflix prize на македонски начин - "копачи" кои играат лото
Од неодамна започна првиот натпревар во програмирање Android апликации за мобилни телефони во Македонија, каде Vip ќе ги додели следниве награди за најдобрите апликации:
  • Една награда за првонаградената апликација – 500.000 денари (Гран При) и мобилен телефон HTC Desire
  • Една награда за второнаградената апликација – 150.000 денари (сребрена награда) и мобилен телефон HTC Legend
  • HTC Tattoo мобилни телефони за сите пријавени и одобрени апликации од Android Market
Како долгогодишен натпреварувач по информатика (програмирање), генерално ми се допадна идејата. Го поттикнува натпреварувачкиот дух, креативноста на учесниците и овозможува платформа за промоција на талентите, а и паричната награда не е за занемарување (за земја како Македонија).

Меѓутоа одкако ги прочитав деталите за тоа како ќе се оценуваат апликациите и авторските права за експлоатација на истите, би се замислил доколку имав време и оригинална идеја за добра апликација, дали би учествувал на истиот, затоа што:
  • Апликациите најпрвин се испраќааt до Vip operator
  • Откако апликацијата ќе биде испратена на Vip оператор, потребно е да биде објавена и на Android Market.
  • Победниците ќе бидат избрани од страна на жири составено од 5 членови.
  • Сите учесници во натпреварот се согласуваат апликацијата или апликациите испратени за време на натпреварот, без оглед дали се наградени или не, Vip оператор има право да ги преинсталира на мобилни телефони во понудата на Vip oператор, односно да ги понуди за “download” без каков било надомест на учесникот за преинсталирање и користење на апликацијата (или повеќе апликации) на мобилните телефони кои ги нуди Vip operator. .... ставање во промет на примери на апликациите, давање на примерок на апликациите под закуп или на заем, ...
  • Со учеството во натпреварот и испраќањето на апликацијата (или апликациите) до Vip оператор, учесниците се согласни дека верзијата на апликацијата која е испратена до Vip оператор и Android Market™ со цел учество во натпреварот не може понатаму да ја искористуваат (продаваат, дадат под закуп, отстапат на трето лице со надомест или без надомест за истата или на било кој друг начин економски да ја искорисуваат).
(доколку само сакате да добиете HTC Tattoo со некоја едноставна апликација, би ги охрабрил сите кои знаат да направат Андроид апликација која ги задоволува условите за натпреварувањето да учествуваат.)

Зошто не би учествувал со многу добра апликација ?

Многу е едноставно. Затоа што веројатноста да биде избрана ПОМНОЖЕНО со вредноста на највисоката награда (тоа е очекуваниот бенефит од таквата постапка) најверојатно е помала одколку да самиот ја објавам на Android Market и наплатувам за неа (освен ако не сум зависник од игри на среќа).

Сличен ваков натпревар, покрај многу други компании, имаат напревено и Netflix (тоа е компанија за изнајмување на ДВД-а во САД). Тие нудеа 1 000 000 $ за апликација која за 10% ќе го подобри нивниот најдобар алгоритам за препорачување на ДВД-а. Во принцип требаше да се направи алгоритам кој за даден филм и даден корисник, ќе предвиди со оцена од 1 до 5, колку тој филм би му се допаднал на корисникот. Така да тие решија развојот на еден таков алгоритам да го аутсорсаат. На веб понудија податоци за 100 милиони гласања од 500 000 корисници за 17 000 филма (се разбира не секој корисник ги има изгледано сите филмови). Исто така понудија и 2 милиони прашања (парови филм-корисник) на кои требаа учесниците на натпреварот да одговорат со праќање на 2 милиони броеви од 1 до 5, над база на тие 100 милиони гласања (филм-корисник-оцена). Се разбира правите одговори ги имаше Netflix така да они експлицитно можеа да оценат чии предвидувања се најдобри.

Значи, учесниците (кои беа околу 12000 на број) не испраќаа изворен код на алгоритмите, тоа си е нивно авторско право и нивна сопственост. Само најдобриот учесник на натпреварот кој доби 1 милион долари требаше да го предаде изворниот код и авторските права на организаторот, Netflix. Сите други учесници си ги задржаа изворните кодови и можеа со нив да прават што сакаат (btw. голем дел од нив ги продадоа на кабелски оператори).

Како ќе беше фер ?

  • Учесниците да објавуваат бесплатни апликации на Android Market до 1 Август, во исто време за тоа известувајќи ги организаторите, но никако да им праќаат изворен код.
  • На 1 Август жирито одлучува кои се победници и добитници на паричната награда и телефоните (оние кои објавиле апликации на Android Market со зададените карактеристики)
  • Победникот ја добива наградата и го предава изворниот код и авторските права. Останатите, почнуваат да си ги продаваат апликациите на Android Market и добиваат средства за вложениот труд, толку колку што пазарот е спремен да понуди.
Тоа ќе беше вистински допринос и стимулација програмерите да направат нешто ново и оргинално на овие простори. И да нема никаква црна дамка на иницијативата да се организира еден ваков натпревар. Вака се остава впечаток дека повторно програмерите се сведени на ефтина работна сила, ќе цитирам еден вработен во фирма која е во сопственост на еден член од жирито, КОПАЧИ кои ќе играат лото.

- STAY HUNGRY STAY FOOLISH - S.J.

Др. Игор Трајковски
21 Мај 2010


Останати текстови: