Фондот за пензиско и инвалидско осигурување гарантира дека пензионерите немаат причина за загриженост по објавувањето на конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на институцијата во текот на 2024 година.
Редовната исплата на пензиите останува сигурна и не е доведена во прашање, уверуваат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), откако во јавноста беа објавени сериозни забелешки од Државниот завод за ревизија поврзани со состојбата во пензискиот систем.
ПИОМ ГИ ПРИФАЌА ЗАБЕЛЕШКИТЕ ОД РЕВИЗИЈАТА ЗА 2024 ГОДИНА Од Фондот за ПИОМ велат дека најголемиот дел од забелешките во ревизорскиот извештај се однесуваат на период кога институцијата била раководена од претходниот менаџмент и претставуваат долгогодишни системски слабости.
Приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2024 година се зголемени за 14 отсто во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71.435.601 илјади денари со учество од 61,74 проценти во вкупно остварените приходи.