Македонија од четврток влегува во нов период на многу топло време, а температурите ќе растат до сабота. Според актуелните метеоролошки модели, најтопло ќе биде во Скопската Котлина, Повардарието и југоисточните делови, каде дневните максимуми ќе се приближат до 40 степени.
Подгответе се за нови неверојатни жештини. По краткотрајното освежување и локалните попладневни грмежи, ни следува нов топлотен бран со екстремно високи температури. И македонската престолнина повторно влегува во жешка фаза.
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени Целзиусови.
Следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Во деновите од викендот ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирано невреме со силен ветер и појава на град.