Нови и значително „полесни“ верзии на апликациите се чини дека се тренд последниве неколку години. Facebook досега претстави Lite варијанти и на Facebook и на Facebook Messenger, па на ред дојде и Instagram.
Instagram ја достигна бројката од 1 милијарда корисници минатата недела, но за да продолжи да расте мора да пронајде нови пазари, па дури и тие да се во земји каде мобилната конекција и интернет пакетите се многу скапи.
Instagram се приклучува на трендот на повеќе апликации како Facebook Lite, Messenger Lite, Skype Lite, но и апликациите со наставката Go од Google кои се во основа „полесна“ верзија од главните апликации.
За да бидат покриени потребите и на корисниците од помалку развиените пазари, компанијата го лансираше Instagram Lite – „олеснета“ верзија на Instagram наменета да штеди, а не да троши мобилен интернет.