Случајот со Институтот за јавно здравје веќе не може да се чита само како уште една ревизорска неправилност, ниту како дневна афера што ќе трае три вести и ќе исчезне во шумот на политичката недела.
Во Македонија понекогаш најголемите политички потреси не почнуваат со големи зборови, туку со навидум обична јавна набавка. Хигиена на гранични премини, техничка спецификација, економски оператор, конкуренција, договор.
Институтот за јавно здравје не е обична административна зграда во системот. Тој е институција што треба да произведува доверба – во здравствените податоци, во превенцијата, во програмите, во вакцините, во јавноздравствената логика на државата.
Денешната акција на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори уште еден чувствителен корупциски предмет во кој јавноста засега добива повеќе контури отколку целосна слика.