Проблемот со финансиската нестабилност на општините не е резултат само на локалното управување, туку на нефункционалниот систем што државата со години го одржува, оценува координаторот на секторот финансии при политичката партија Левица, Марјан Димитриев.
Општините не собираат даноци во согласност со законот и не обезбедуваат ефикасно администрирање на даноците и финансиските обврски од субјектите. Оваков наод донесе Државниот завод за ревизија за работата на општините во 2025 година.
Ревизија на ДЗР открива дека општините акумулирале околу три милијарди денари ненаплатени побарувања од даноци и такси. Недостигот од инспектори, застарените регистри и слабата наплата генерираат сериозни долгови.
Речиси 50 милиони евра пари кои требало да ги наплатат општините во периодот од 2020 до 2024 година останале ненеплатени. Станува збор за локални даноци, такси и останати надоместоци кои ги откриле државните ревизори при прочешлувањето на документацијата за анализираниот период.
Недостатоци во законската регулатива, недоволни административни капацитети и слаб фискален напор сериозно ја ограничуваат способноста на општините за ефикасно прибирање на локалните даноци, такси и надоместоци, покажува ревизијата што ја спроведе Државниот завод за ревизија.