Erich Fromm - "On Disobedience and other essays", 1984
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска
Дури и кога за утеха, како што тоа го прават многумина, би ја прифатиле претпоставката дека само за неколку генерации Западот па и целиот свет ќе постигне економско изобилие, сепак останува прашањето:
Што станало со човекот и до каде тој ќе стаса ако продолжиме по патот по кој тргна нашиот индустриски систем?
За да разбереме зошто елементите со кои нашиот систем успеа да реши некои економски проблеми се немоќни да ги решат човечките проблеми, неопходно е да се истражат главните карактеристики на капитализмот од дваесеттиот век. Концентрацијата на капиталот доведе до формирање на гигантски претпријатија управувани од хиерархиски организирана бирократија. Огромна маса на работници работат заедно како дел од големата производна машина која, за воопшто да може да функционира, мора да функционира како подмачкана, без пречки и застој. Индивидуалниот работник и службеникот станаа забец на оваа машина; нивната функција и активност се одредени од целата структура на организацијата во којашто работат. Во големите претпријатија легалната сопственост на средствата за производство се одвои од управувањето и го загуби своето значење. Големите претпријатија ги води бирократска управа која иако не го поседува претпријатието легално, го поседува фактички. Овие менаџери ги немаат особините на стариот сопственик - индивидуалната иницијатива, одважноста, преземањето ризик - туку особините на бирократот - недостаток на индивидуалност, безличност, внимателност и недостаток на имагинација. Тие управуваат и со стварите и со луѓето, и со луѓето се однесуваат како со ствари. Оваа менаџерска класа, иако не го поседува претпријатието легално, фактички таа го контролира: притоа на извонреден начин успева да не биде одговорна ни пред акционерите, ни пред вработените. Макар што најважните сектори на производството се во рацете на големите корпорации, нив практично ги владеат највисоките работодавци. Гигантските корпорации што ја контролираат економската, а во голема мера и политичката судбина на земјата, се чиста спротивност на демократскиот процес: тие претставуваат моќ без контрола од страна на потчинетите.
Со бирократското управување над луѓето, демократскиот процес се претвора во ритуал. Било да се работи за акционерски состанок во некое големо претпријатие, за политички избори или синдикален состанок, единката го загубила речиси целото влијание во подготвувањето на одлуките и нема активно учество во нивното донесување. Особено во политичката сфера, изборите се повеќе се сведуваат на плебисцит во којшто единката може да му даде предност на еден од двата кандидати професионални политичари, и најблаго речено, таа е управувана со нејзина согласност. При тоа средствата со кои се постигнува оваа согласност се сугестијата и манипулацијата, додека пак одлуките од најголема важност - во надворешната политика што се однесуваат на војната и мирот - ги донесуваат мали групи луѓе за коишто просечниот граѓанин одвај и да чул.
Политичките идеи за демократијата, онака како што ги замислија основоположниците на Соединетите Држави, не беа чисто политички идеи. Тие беа вкоренети во духовната традиција наследени од пророчкото месијанство, евангелијата, хуманизмот и од филозофите на Просветителството од осумнаесттиот век. Овие идеи и движења ги обединуваше една иста надеж; дека човекот во текот на својата историја ќе може да се ослободи од сиромаштијата, незнаењето и неправдата и дека ќе може да изгради општество на хармонija, мир и единство помеѓу човек и човек и помеѓу човекот на природата. Идејата дека историјата има цел и вербата во човечката совршеност, во текот на историскиот процес беа најкарактеристични елементи на западната мисла. Тоа е почвата во коjа е вкоренета американската традиција и од каде што таа ја црпи својата сила и виталност.
Но што се случи со идејата за совршеноста на човекот и општеството? Таа се раствори во површниот поим на „прогресот“ и во желбата за производство на повеќе и подобри предмети, наместо таа да симболизира раѓање на целосно жив и продуктивен човек. Денес, нашите политички поими ги загубиле своите духовни корени. Тие станале средства сообразени со некоја цел кои ги проценуваме според тоа дали ни овозможуваат повисок животен стандард, или поуспешен облик на политичко уредување. Со единката се управува и се манипулира не само во сферата на производството, туку исто така и во сферата на потрошувачката каде што единката божем го изразува својот слободен избор. Без оглед дали се работи за потрошувачка на храна, облека, алкохол, цигари, филмови или телевизиска програма, насекаде е впрегнат еден моќен апарат за сугестија кој има две цели: прво, постојано да го зголемува апетитот на единката за нови артикли и второ, да ги насочува овие апетити во правец кој индустријата ќе ја доведе до најголем профит. Огромниот капитал вложен во потрошувачката индустрија и конкуренцијата помеѓу малкуте гигантски претпријатија, нужно недозволуваат потрошувачката да се препушти на случајот и да му се остави на потрошувачот слободно да избира колку ќе купува и што ќе купува. Неговите апетити треба постојано да бидат поттикнувани, а вкусовите манипулирани, управувани и предвидливи. Човекот е претворен во потрошувач, вечно цицалче, чија единствена желба е да консумира повеќе и „подобри" работи.
Додека нашиот економски систем материјално го збогати човекот, го осиромаши него на човечки план. Наспроти целата пропаганда за вербата во бога, за неговиот идеализам и за неговиот духовен интерес, нашиот систем всушност создаде материјалистичка култура и материјалистички човек. Во текот на работното време, единката е третирана како дел од производствениот тим. Во текот на нејзиното слободно време со неа се управува и се манипулира со цел да се создаде совршен потрошувач кој ќе го сака она што му е речено да го сака, а се уште ќе живее во илузија дека го следи својот сопствен вкус. Цело време тој е бомбардиран со слогани и совети, со гласови од нестварноста кои му го одземаат и последното зрнце реализам што му останало. Уште од најраното детство вистинските убедувања се обесхрабруваат. Има малку критичка мисла и малку вистински чувства, па затоа единствениот начин на кој единката може да се спаси од неподносливото чувство на осаменост и загубеност е да го прифати конформизмот.
Единката не се доживува себеси како активен носител на своите сопствени сили и внатрешно богатство, туку како осиромашен „предмет" што е зависен од сили кои се надвор од него и во коишто таа ја проектирала својата животна супстанција. Човекот е отуѓен од самиот себе и им се поклонува на делата на своите сопствени раце. Тој им се поклонува на предметите што ги произведува, а и на државата и на водачите што самиот ги создаде. Неговото сопствено дело станува за него отуѓена моќ која стои над него и наспроти него, наместо да биде управувана од него. Претворањето на нашиот сопствен производ во објективна сила која стои над нас и која се измолкнува од нашата контрола поразувајќи ги нашите очекувања и замрсувајќи ги нашите сметки, повеќе од кога и да е го определува нашиот развиток. Човековите производи, машините и државата станаа идоли на модерниот човек, а тие идоли се неговите сопствени сили во отуѓен облик.
Навистина, Маркс беше во право тврдејќи дека „на местото на сите физички и духовни сетила дојде самоотуѓувањего на сите тие сетила, сетилото за имање. Приватната сопственост не направи толку глупи и немоќни што предметите стануваат наши само ако ги имаме, т.е. ако тие за нас постојат како капитал и ако ги поседуваме, јадеме, пиеме; т.е. ако ги употребуваме. Наспроти сето наше богатство ние сме сиромашни по дух, зашто имаме многу, но сме малку. Како последица на тоа, просечниот човек чувствува несигурност и осаменост, потиштен е и страда од недостаток на радост среде изобилие. Животот за него нема смисла; тој не е свесен дека смислата на животот не може да лежи само во тоа да се биде „потрошувач". Тој не би можел да ги поднесе отсуството на радост и бесмисленоста на животот доколку нашиот систем не би му нудел безбројни патишта на бегство, почнувајќи од телевизијата па се до средствата за смирување, кои му овозможуваат да заборави дека се повеќе го губи она што е вредно во животот. Наспроти сите хуманистички слогани, ние брзо се приближуваме кон едно општество кое го владеат бирократи кои го управуваат масовниот човек кој е добро нахранет, згрижен, дехуманизиран и депримиран. Ние произведуваме машини што се како луѓе, и луѓе што се како машини. Она за што пред педесет години најмногу го критикувавме социјализмот - дека тој ќе доведе до униформност, бирократизација, централизација и бездушен материјализам - стана реалност на денешниот капитализам. Ние зборуваме за слобода и демократија, а голем број од луѓето се уште се плашат од одговорноста што ја носи слободата и го претпочитаат ропството на добро-нахранетиот робот; тие не веруваат во демократијата и среќни се што донесувањето на одлуки им го препуштаат на политичките експерти.
Со телевизијата и весниците создадовме широко распространет систем на комуникации. Па сепак, наместо да бидат информирани за политичката и општествената стварност, луѓето се дезинформирани и индоктринирани. Степенот на униформност што постои во нашите мислења и идеи лесно би можел да се објасни доколку би бил резултат на политички притисок или пак би бил предизвикан од страв. Образованието, од основното до највисокото, го постигна својот врв. Па сепак, макар што луѓето добиваат повеќе образование, тие имаат се помалку разум, судови и убедувања. Во најдобар случај се подобрува нивната интелигенција, но нивниот разум - т.е. нивната моќ да продрат низ површината и да ги сфатат силите што лежат во основата на индивидуалниот и општествениот живот - се повеќе осиромашува. Мислата во голема мера е одвоена од чувствата, а фактот што луѓето ја толерираат заканата од војни што се надвиснала над целото човештво покажува дека модерниот човек стаса до онаа точка кога тој мора да се запраша за сопственото ментално здравје.
Човекот им стана слуга на машините што ги создаде, наместо да биде нивен господар. Но човекот не е создаден за да биде предмет, па и покрај сите задоволства од потрошувачката, неговите животни сили не можат постојано да се држат запретани. Имаме само една можност, а тоа е повторно да ги загосподариме машините, претворајќи го производството во средство наместо во цел и користејќи го за развивање на човекот - во спротивно, потиснатата животна енергија ќе се пројави во хаотични и деструктивни облици. Човекот поскоро би го уништил животот, отколку да умре од здодевност.
Ќе го обвиниме ли нашиот начин на општествена и економска организација за ваквата положба на човекот? Како што покажавме погоре, нашиот индустриски систем, неговиот начин на производство и потрошувачка, како и односите помеѓу луѓето што тој ги негува, создаваат токму таква човечка ситуација каква што опишавме. Не затоа што општеството сака да создаде таква ситуација, или затоа што луѓето се злонамерни, туку затоа што карактерот на просечниот човек се формира во животното искуство кое е определено од структурата на општеството.